Почина Весна Ангелеска, истакнат општество-политички работник, член на Советот на Општина Прилеп. Ангелеска е родена во Прилеп на 05.октомври 1967 година. Дипломираше на Педагошкиот факултет во Скопје, во 1995 година. Во 2009-та таа магистрираше маркетинг – менаџмент на Економскиот факултет во Прилеп. Членка е на општинската организација на СДСМ во Прилеп од 1993 година. Во својата кариера бележи повеќе работни позиции и звања.
Уште во младоста е вклучена во работата на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“,како дел од организациониот одбор на фестивалот. Потоа од 1991 до 1993 година Ангелеска ги извршува обврските како секретар и администратор на списанието „Стремеж“ од Прилеп, при што е активно вклучена во организација на настани, но и во процесот на издавање и промоција на книги од издавачката дејност на „Стремеж“.
Од 1993 до 1997 година таа раководи со своја приватна фирма „Лулу-Експорт“ со седиште во Прилеп.
Од 1997, па до 1999 година се вработува како наставник по одделенска настава, во ОУ „Кочо Рацин“ во Прилеп и ОУ „Круме Волнароски“. На истото работно место во ова училиште ќе биде и од 2002 до 2007 година.
Следната година, Ангелеска ја посветува на борбата за човекови права. Таа работи како координатор и асистент на проектот „Вавилон“ што го реализира италијанска невладина организација „ЦЕСВИ, но и на други проекти од Центарот за граѓански иницијативи.
Од 2000 година таа е претседател на невладината „Обединет свет“, којашто реализира проекти за поголема грижа на пензионирани граѓани кои што се соочуваат со одредени социјални проблеми, за инвалидизирани лица, како на проекти за помош и вработување на самохрани мајки.
Во 2000 година Ангелеска се вклучува во работата на шведската компанија „Орифлејм“, отворајќи подоцна и сопствен бизнис.Бележи голем напредок во кариерата освојувајќи низа признанија и награди како посветен работник во компанијата.
Од 1993 година кога ќе стане членка на општинската организација на СДСМ во Прилеп, Ангелеска се истакнува со својата активност во партијата. Со промена на локалната власт во октомври минатата година, Ангелеска станува советничка во новиот состав на општинскиот Совет на Прилеп.
Посветеност, несебичност, организациски способности, флексибилност, позитивен пристап во извршување на сите работни задачи се само дел од извонредните каракатеристики кои што ја красат нејзината богата биографија, нејзиниот лик и дело.
Заминување на Ангелеска, е загуба за семејството, роднините, пријателите, соработниците, загуба за целата заедница.