Денеска жителите на прилепската населба Варош го чествуваат масовно христијанскиот празник Голем Петок -Балаклија. Празникот се чествува секој прв петок по Велигден и е куќна слава на многу семејства. Стотици граѓани од другите делови од градот им доаѓаат на гости посакувајќи им здравје, успех и среќа. А, жителите на Варош гостите ги пречекуваат на празнична трпеза. Оваа традиција се негува со години. Многу верници доаѓаат и во црквата од манастирот „Свети Архангел Михаил“. Во чест на празникот се одржува утринска литургија, на која годинава присуствуваше градоначалникот Илија Јованоски. Тој упати празнична честитка до варошани.
„Денеска е Голем Петок, првиот петок после Христовото Воскресение –
Велигден. Овој празник уште се нарекува и Излечив Петок, зашто постои верување кај луѓето дека ако утрово си ги измијат рацете и лицето на првиот извор,тоа ќе им донесе ослободување од болестите што ги имаат. Денеска е и семејна слава на
нашите сограѓани од урбаната заедница Варош и во оваа прилика сакам да им
го честитам овој голем празник да им посакам среќа, радост, благосостојба и
духовен мир“, порача градоначалникот Јованоски.
Традиционално и годинава, Голем Петок беше радосен ден за варошани.