Во касарната „Мирче Ацев“ одбележан Денот на артилерискиот баталјон

Прилепскиот гарнизон денеска ја одбележа 26 годишнината од формирањето на
Вториот мешовит артилериски полк, односно првата артилериска единица во
независна Република Македонија. Оваа единица е формирана со Указ на
претседателот на државата и Врховен командант на вооружените сили на РМ,
токму тука, во касарната „Мирче Ацев“ и оттогаш, 10-ти април се слави како Ден
на Артилерискиот баталјон.

Командантот на гарнизонот, потполковник Ивица Цветковски, рече дека за
успешно функционирање на артилеријата, потребна е тимска работа и дека
обуката која се спроведува е компатибилна и интероперабилна со НАТО
стандардите. Тоа, како што потенцираше потполковникот Цветковски,е докажано
со ресертифицирањето на декларираната хаубичка батерија, која што пред 4
години го потврдила добиениот сертификат за борбена способност за учество во
НАТО операциите за одговор на кризи.

„Денеска го прославуваме Денот на артилерискиот баталјон, единица која
претставува огромна огнена моќ во составот на Првата механизирана пешадиска
бригада и горди сме што можеме да се пофалиме со тоа. Секако, покрај нашите
војнички обврски имаме соработка и со локалната самоуправа и со градот Прилеп,
односно со јавниот и приватниот бизнис сектор“, изјави командантот-потполковник
Цветковски.

На свеченоста зборуваше и бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кој рече дека
артилерискиот баталјон е еден од најсилните столбови на Првата механизирана
пешадиска бригада и дека она по што оваа единица се издвојува од останатите, е
поседувањето голема огнена моќ, без која не може да се замисли изведување на
каква било борбена задача на бојното поле.

Во рамките на одбележувањето на Денот на артилерискиот баталјон, повеќемина
припадници на АРМ беа унапредени со повисок чин, наградени и пофалени.
Свеченоста се одржа во присуство на припадници на Армијата на Република
Македонија, градоначалникот Илија Јованоски и други гости.