Проектот се спроведува во општините од пелагонискиот и југозападниот регион, од страна на САЛАР Интернешнл, со финансиска поддршка од Шведска. На состанокот учествуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, ЗЕЛС, како и градоначалниците на општините Прилеп и Новаци.
На состанокот беа претставени најважните достигнувања во текот на 2024 година, вклучувајќи го донесувањето на локални акциски планови за управување со отпад во 15 општини од двата региони, почетокот на селекција на отпад во пет пилот општини, изработка на нови локални регулативи за управување со отпад, изработка на комуникациски планови, спроведување на едукативни обуки за одржливо управување со отпад во 30 училишта, мобилизација на средства за затворање на депонијата Буково, како и поддршка за изградба на центри за селекција на отпад во четири општини.
На состанокот, исто така, беше претставен и планот на активности предвидени за 2025 година. Во наредниот период, проектот ќе се фокусира на обезбедување постојана поддршка за спроведување на локалните акциски планови, изнаоѓање дополнителни средства за управување со отпад, обезбедување на обука за ефикасно управување со отпад за општинскиот персонал и јавните комунални претпријатија, поддршка на процесот за затворање на депонии, формирање меѓуопштински одбор за управување со отпад и регионално комунално претпријатие, воспоставување меѓуопштинска соработка за подобрување на услугите за отпад, како и континуирано одржување на едукативни обуки за одржливо управување со отпад во основните училишта.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, ја истакна важноста на проектот за општината, особено во однос на експертската поддршка и размената на најдобри пракси за управување со отпадот и подобрувањето на локалните регулативи, поддршката за воспоставување центар за селекција на отпад во општината, поддршката за иницирање на процесот на формирањето на регионално комунално претпријатие, обуките за општинската администрација, како и спроведувањето на едукативните обуки за учениците и наставниците од оснoвните училишта.