Изјава за медиуми денес даде градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески заедно со претседателката на Советот Ирена Стерјовска-Локвенец и директорот на ЈКП Водовод и канализација: ,,Денес бевме на терен и извршивме увид во градежните активности за реконструкција на водоводната мрежа во централното градско подрачје викано Карабдалица, еден од капиталните проекти што ги реализираме во Прилеп.
Оваа водоводна мрежа е стара речиси седум децении, а нејзината замена беше повеќе од неопходна. Со овој проект ќе се реконструираат вкупно 1.240 метри водоводна линија, при што старите азбестцементни цевки ќе бидат заменети со нови, со поголем капацитет, што значително ќе го подобри водоснабдувањето во овој дел од градот.
Ќе се постават 124 приклучоци, 7 нови хидранти за зголемена безбедност и ќе се изведат 18 јазли. Моментално, работите се одвиваат на улицата Стеван Димески – Ништакот, каде веќе се заменети 140 метри од водоводната мрежа со профил DN 90 и 25 метри со профил DN 40. Инсталирани се 15 приклучоци и поставени 3 јазли. Овој проект е дел од пошироката стратегија за подобрување на инфраструктурата во Прилеп, а неговата реализација е овозможена со поддршка од Владата на Република Македонија.
Паралелно со овој проект, постапките за останатите два капитални проекти течат според предвидените законски процедури. За изградбата на дел од улицата Победа веќе имаме изведувач со најниска понуда, а според законските временски рамки, очекуваме до 15 февруари да го потпишеме договорот и да започнеме со реализација на терен.
Што се однесува до изградбата на кружниот тек на Табана, постапката е во завршна фаза и очекуваме до 18 февруари да имаме избран изведувач за овој проект, кој е од огромно значење за регулирање на сообраќајот во овој дел од градот.
Како што знаете, во наредниот период очекуваме да биде објавен нов јавен повик за поддршка на локалните самоуправи од страна на Министерството за Локална самоуправа. Општина Прилеп е целосно подготвена со нови инфраструктурни проекти, на кои интензивно работевме со нашиот тим од Секторот за Урбанизам и Јавното претпријатие ЈП ЗА ПУП. Штом ќе бидат објавени условите и критериумите на повикот, ќе аплицираме со доволен број на проекти, во рамки на финансиските средства предвидени за Прилеп, кои изнесуваат околу 8 милиони евра.
Најавувам една одлична година, исполнета со интензивни градежни активности и конкретни инвестиции во подобрувањето на квалитетот на живот на сите наши сограѓани.
Сакам да се заблагодарам за огромната поддршка од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски. Оваа финансиска поддршка за општините е од клучно значење за локалниот развој и придонесува кон подобра инфраструктура, поквалитетни услуги и подобри услови за живот за сите граѓани.“ – истакна градоначалникот Јовчески.