Догодина Општина Прилеп домаќин на градската слава Св. Никола

Општина Прилеп и прилепчани во духот на традицијта го одбележаа својот патрон празник и достојно му оддадоа почит на светецот, заштитникот на Прилеп, Св. Никола.
Чествувањето започна утрото, со Света Архиерејска Литургија во црквата „Свето Благовештение“ со која чиноначалствуваше митрополитот Преспанско -Пелагониски, г. Петар, со Литија до параклисот Св.Никола, изграден во чест на патронот и со прережување на славскиот колач и водсвет, пред Параклисот Св.Никола, каде се одржа и централното чествување посветено на светецот-заштитник на Прилеп.
Градоначалникoт на Прилеп, Борче Јовчески при оваа прилика пред големиот број насобрани верници и добронамерници истакна дека прославата на Св. Никола е дел од традициите во Прилеп, кои градот ги негува со векови.


„Св. Никола е посебен ден и добар патоказ за да се чуваат корените, особено кога ќе се земе предвид дека тој е заштитник на сиромашните, на немоќните и морепловците, а оваа година во Прилеп, 18-ти пат по ред, го славиме патронот на нашиот град. Традицијата претставува идентитет на секоја држава, а нешто што не прави горди нас како прилепчани е токму ова, чувањето и негувањето на вистинските вредности, верата, традицијата и историјата.Токму затоа нашата Локална самоуправа ќе продолжи да го развива актуелното творештво, а исто така и да ги чува и негува локалните традиции и духовноста, обновувајќи го Прилеп како препознатлива дестинација во која ќе може секој гостин добронамерник да не посети и да го доживее духот на вековното традиционално наследство.“ – рече градоначалникот на Прилеп, Јовчески

Домаќинот на годинешната светиниколска градска слава беше стопанственикот, Ирена Јакимовска и нејзината текстилна компанијата Комфи Ангел, кои ја подготвија посната светниколска славска трпеза, поставена на плоштадот „Александрија“ со која се послужија сите добронамерници и гости.

„На наше огромно задоволство ја имаме можноста по втор пат да вратиме љубов, внимание, да вратиме она што нас Прилеп ни го дава за нас како компанија. Прилеп ни овозможува да ни биде местото каде што ја создаваме нашата додатна вредност, прилепчани се луѓето кои што работат и оперативно ја креираат таа додатна вредност, Прилеп е местото каде постои таа компанија и таа компанија чувствува морална одговорност секогаш да ја поддржи општината и секогаш да го поддржи Прилеп и прилепчани“, истакна Јакимоска, домаќин на годинешната слава.
Идната година како домаќин на градска слава, Св Никола, ќе биде Општина Прилеп, локалната самоуправа и ЈКП од Прилеп.