Општина Прилеп се приклучи на глобалната кампања 16 дена активизам против родово базирано насилство која оваа година се одржува под слоганот “Обединето: Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата”. На денешната работилница свое излагање имаа: Александра Димова, Претседателка на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп, Гордана Велјаноска – педагог од Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп , Александра Димитриоска – помлад инспектор по општ криминалитет, ОВР – Полициска станица Прилеп и Горан Илиоски – правен советник од ЕХО невладина организација. Денеска градот под Марковите кули блесна во портокалово во знак на поддршка на ставањето на крај за насилството врз жени и девојки.
„Општина Прилеп се вклучува и ја подржува кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство и општата цел на оваа работилница е да се подигне свеста кај жените и девојките кои се соочуваат со ваков тип на проблеми, да знаат каде да се обратат и каква помош да побараат. Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп се залага за подигање на свеста, учествува во дебати, трибини и работилници, се мобилизираат граѓани со ист проблем и секогаш стоиме на располагање на институциите за поддршка и помош“, изјави Александра Димова, Претседателка на Комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Прилеп.
Според, Гордана Велјаноска, педагог од Меѓуопштински центар за социјални работи во Прилеп истакнува дека се повеќе жени или девојчиња се охрабриле да го пријават случајот во полиција, но се уште економската зависност на жената, предрасудите од околината… се пречка за пријавување на насилството.
„Во 2023 година се пријавени 89 пријави за жртви на семејно насилство. Во 2022 година вкупно се пријавени 140, а во 2021 вкупно се пријавени 150 пријави за жртви на семејно насилство и како што можеме да забележиме имаме пад во пријавите, посочува Велјаноска.
Горан Илиоски, правен советник од ЕХО невладина организација посочува дека треба активно да се работи на подигање на свеста и преку тоа се надминуваат срамот и стигмата и жените во иднина се повеќе се охрабруваат да ги пријавуваат сите форми на насилство.
Денешниот настан е помогнат од ЕУ/Совет на Европа, Ромактед програмата – втора фаза и Општина Прилеп.