И покрај тропските горештини, Прилеп нема нарушено водоснабдување, – но останува апелот водата да се штеди!

 

Во овие пеколни горештини и при енормно зголемена потрошувачка на вода, во Прилеп има непречено водоснабдување. Во моментот издашноста на изворот „Студенчица“, кој што е основен извор за водоснабдување на градот, изнесува 1700/1800 литри во секунда, информираат од ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.
Дневно на Прилеп му се потребни над 260 л.вода во сек, а моментално Прилеп добива 337 л. во секунда, од кои 300 л. во секунда од изворот „Студенчица“, а останатите литри од сопствени природни извори. Но, потрошувачката на вода се зголемува, особено за викендите, затоа е и апелот до граѓаните за рационално трошење на водата со цел и жителите кои живеат во високите зони (Варош, Тризла, Рид, Точила), да имаат квалитетно и непречено водоснабдување“- истакна директорот на ЈКП „Водовод и Канализација – Прилеп“ Игор Гулабоски.
Бидјеќи, Прилеп нема нарушено водоснабдување и покрај поголемата потрошувачка на вода, во моментов, во градскиот систем не се активирани бунарите кои, инаку, дневно на прилепчани би му обезбедиле уште 42/52 л во секунда.
„Прилепчани во моментов не пијат вода од бунарите, но не ја исклучуваме можноста дека на одредени локации може да настане заматување на водата. Тоа е секундарно, на места каде ќе дојде до судар на линијата или поправка на дефект. Квалитетот на водата се испитува секојдневно. Водата од извориштето Студенчица како и од изворите од Прилеп е физичко – хемиски исправна, здрава за пиење и ги исполнува сите услови за конзумирање“ додаде Гулабоски.
И покрај непреченото водоснабдување во сите делови на градот, од ЈКП Водовод и Канализација-Прилеп апелираат водата за пиење рационално да се користи и да не се употребува за полевање на бавчи и миење на дворовите.