Одржана 29 та седница на Советот на Општина Прилеп во која е одлучено да се додели хуманитарна помош на Општина Делчево

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа својата 29 та редовна седница. Седницата започна со забелешки за четвртата точка на дневниот ред, Предлог- одлука за утврдување Нацрт План за измена и дополнување на Генерален урбанистички план за Град Прилеп со плански период 2013-2023, со предлог на дел од советниците за повлекување на оваа точка од дневен ред, поради, како што истакнаа, „немање на доволно информации“, по што настана долга консултативна пауза на советниците од еден час. Во интерес на работењето на Советот, потоа дневниот ред беше изменет и точките поврзани со урбанистички планови на град Прилеп, беа отстранети за следно разгледување.

По продолжување на седницата советниците едногласно одлучија да се додели хуманитарна помош на Општина Делчево, од 300 илијади денари, во знак на солидарност поради последиците што оваа општина ги имаше од невремето. Советниците дадоа согласност и за распределбата на финансиски средства од Буџетот на Општина Прилеп за 2023 година, наменети за финансирање на спортски клубови, професионални спортски клубови, здруженија и фондации во областа на спортот, културниот и општествениот живот и согласност за предлог-одлуката за донесување на урбанистички план вон населено место, за изградба на фотоволтаична електрана – површински соларни и фотоволтаични електрани со капацитет до 10 MW, кај Тополчани, за планиран период, 2021-2026 година.
Советниците се согласија да донесат и акт за воспоставување на меѓуопштинска соработка, меѓу Општина Прилеп и Општина Долнени. На седницата стана збор и за измена на годишниот план за вработување за 2023 година на ЈП за ПУП Прилеп, а беа усвоени предложените годишни планови за вработување во 2024, на основните и средите училишта.
Советниците донесоа одлука и за определување на локалитетот за одржување на „Пивофест- Прилеп 2023“ и го усвоија заклучокот по измените и дополнувањата на Колективниот договор за вработување во Општина Прилеп.
На седницата присуствуваше и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој одговараше на низа советнички прашања.