По дојавите за подметнати експлозивни направи во прилепските основни школи, во два наврати во овој месец а последно во текот на вчерашниот ден, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески денеска свика итна седница на Општинскиот кризен штаб, на која стана збор за безбедносната состојба во градот.
Градоначалникот на Прилеп истакна дека ова е втор случај на загрозување на безбедноста на децата, учениците и наставниците, во овој месец и дека конечно треба да се стави крај на ваквата безбедносна неизвесност, кој некој сака да ја наметни во Општина Прилеп – рече тој.
„Без оглед што дојавите за поставување на бомби, за среќа, се лажни, тоа создава несигурност и паника кај граѓаните на Прилеп и тоа мора да се спречи“- рече Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Дојава, за наводно поставени бомби преку електронските пошти, на 15ти февруари, најпрвин, добија 5 прилепски училишта, а само неколку дена подоцна, вчера на 20ти февруари, две прилепски училишта повторно добија закани дека имаат експлозивна материја во нивните школи, што предизвика сериозно алармирање на Општинскиот кризен штаб.
На состанокот на Општинскиот кризен штаб присуствуваа: градоначалникот Борче Јовчески, претседателот на Совет на Општина Прилеп, претставници од Општина Прилеп, претставници од МВР – ОВР Прилеп, претставници од АРМ, претставници од ТППЕ Прилеп, од јавните комунални претпријатија, јавните здравствени установи, преставници од подрачната единица на ЦУК – Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување.
Заклучокот на сите беше единствен и како што рече градоначалникот Јовчески од страна на Општина Прилеп ќе се испрати Барање до Влада и останатите надлежни институции со цел да се побара од нив да имаме конкретни упатства или донесени уредби според кои ќе се постапува во вакви ситуации.