Прилеп го одбележа 11-ти октомври: „Сега е време во кое мораме да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетен Прилеп“

Со полагање на свежо цвеќе на спомениците на Методија Андонов–Ченто, Кузман Јосифоски–Питу и во Алеата на народните херои на Могилата на непобедените, согласно протоколот за одбележување државни празници, Прилеп го одбележа Денот на народното востание, 11-ти Октомври.


Покрај делегацијата на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојческа, пратениците во Собранието на РМ, Ане Лашкоска, Петар Ристески и Миле Талевски, претставници на Претседателот на државата, Армијата, Сојузот на борци и Советот на Општина Прилеп, како и делегации на политички партии и граѓански здруженија.

Градоначалникот Јовчески во своето поздравно обраќање пред присутните на Могилата истакна: „Почитувани присутни, почитувани гости, претставници од Владата на Република Македонија, почитувани пратеници, претставници на Сојузот на борци, претставници од кабинетот на претседателот на Македонија, претставници на Армијата на Република Македонија, претседетале на Советот на општина Прилеп, претставници на политички партии, здруженија и ценети медиуми,
сакам да ви се заблагодарам за присуството и да ви го честитам празникот, нека ни е вековит 11-ти Октомври, Денот на народното востание на македонскиот народ!
Прилеп е градот кој пред 81 година го означил почетокот на народното востание за конечно ослободување на Македонија од бугарскиот фашистички окупатор.
Празнувајќи денес, оддаваме почит на сите херои од нашата голема и богата македонска историја. Тие се оние кои што ги поставиле темелите врз кои опстојува денешната современа Република Македонија. Посебно во овие исклучително бурни времина за македонската држава мораме да останиме цврсти, одлучни и сплотени на браникот на татковината!
11 октомври е ден за кој сите треба да сме горди на визијата, пожртвуваноста и храброста на хероите како и на нивната желба за слободна и независна држава.
Зборувајќи сега, сведоци сме на време во кое мораме да покажеме дека сакаме да живееме во просперитетна и демократска Република Македонија.“