Домот за стари лица поднесе кривични пријави против ексградоначалник и двајца поранешни директори на домот

За евидентирани злоупотреби во работењето, Јавната општинска установа дом за стари лица „Киро Крстески –Платник“ до Основното јавно обвинителство во Прилеп, поднесе кривични пријави против ексградоначалникот на Прилеп, М.Р. и поранешните директори на домот, И.С.Л. и Д.Р. како и против еден правен субјект. Тоа на денешната прес конференција го истакна вд директорот на домот за стари лица, Кристијан Пиличев.

Според Пиличев, постојат сериозни индиции дека ексградоначалникот М.Р. и поранешната директорка И.С.Л. се сторители на кривичното дело „Злоупотреба на службената должност и овластување“, од причина што И.С.Л. била именувана за директор на оваа установа, спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс. Иако еден од условите во конкурсот бил директорот да има претходно работно искуство од најмалку 4 години, И.С.Л. на раководната функција била именувана само две и пол години после дипломирањето на факултетот.

„Со тоа, ексградоначалникот М.Р. на својата сопартијка, претседателката на Унија на жени на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, незаконски ѝ овозможил да ги ужива правата од работен однос и бенефициите од функцијата директор на домот за стари лица, полни две години во периодот од ноември 2015 до декември 2017 година“, изјави вд директорот на домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, Кристијан Пиличев.

Исто така, двајцата поранешни директори на домот, Д.Р. и И.С.Л, се сомничат за сторени три кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, непријавување кривично дело или сторител и злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство.

„Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, бара од прилепското Основно јавно обвинителство да се изврши вештачење врз материјално-финансиското работење на оваа јавна општинска установа, поврзано со реализација на постапката за јавни набавки со правниот субјект, што треба да покаже евентуално постоење на други злоупотреби изминатите неколку години. Имено, поранешниот директор Д.Р. и фирмата го оштетиле домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи на домот, кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Испратниците и фактурите фирмата ги употребила во постапка пред нотар, така што противправно се стекнала со решение за извршување и парите ги наплатила во целост“, потенцираше Пиличев.

Како што беше речено на прес конференцијата, поради евидентираните злоупотреби, домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ бара Основното јавно обвинителство – Прилеп да ги процесуира поднесените кривични пријави, со цел да се разоткријат и санкционираат криминалите на претходната власт.

„На злоупотребите мора да им се стави крај, а вистината да излезе на виделина. Јавноста треба да знае во чии џебови завршувале народните пари, кој ги злоупотребил пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време беа оставени без квалитетна храна, лекови, без соодветна медицинска заштита, во катастрофални услови во установа што се распаѓа, без греење и соодветен третман предвиден со потпишаните договори“, поентираше вд директорот на домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, Кристијан Пиличев.