Денеска се навршија 101 година од убиството на идеологот на македонската револуционерна борба, Ѓорче Петров. По тој повод, пред споменикот на Ѓорче Петров во центарот на градот, цвеќе положија претставници на Општина Прилеп, претставници на Советот на општина Прилеп, на Средното општинско училиште кое го носи името на револуционерот, Сојузот на борци – Прилеп и на политички партии. Ѓорче Петров е симбол на нашиот непокор, на нашата битка и заложба за зачувување на македонскиот идентитет и во интерес на вистината, македонската држава и македонскиот народ Ѓорче Петров има посебен однос и почит од својот народ од прилепчани, како наш сограѓанин. И денеска кога се поклонуваме пред неговиот споменик се потсетуваме за големата улога што ја оставил и трага во националната ослободителна борба во колективната меморија на Македонците.
Ѓорче Петров, (неговото целосно име е Георги Петров Николов) бил професор, публицист, историчар, идеолог на: Македонската револуционерна организација.
Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип.
Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО . Член на Централен комитет на МРО. Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија(1897–1901). Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес.
Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Ѓорче Петров бил убиен на 21 јуни 1921 година во Софија, Бугарија.