Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ денеска беше промовирана книгата „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ од драмскиот автор Зоран Пејковски. На промоцијата на ова книжевно издание посветено на творештвото на Конески, кое е само неколку дена пред одбележувањето на 100 години од раѓањето на Блаже Конески покрај другите гости присуствуваа и градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, претседателот на Совет, Дејан Проданоски и претставници од Фондацијата „Небрегово“.
Книгата „ Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ од драмскиот автор Зоран Пејковски редовен академик на Руската федерација, драматург, публицист, писател, зборува за творештвото на Конески од агол кој не е често користен, издание кое е значајно и според предметот на истражувања и според резултатите кои ги нуди, вели д-р Мишел Павловски.
Зоран Пејковски е автор на над 20 драмски дела, на над 20 поетски книги, еден роман, 3 публицистички книги, 4 научно истражувачки книжевни дела од областа на театрологијата и на над 20 трудови од областа на научната мисла, на литературни критики и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.
Добитник е на повеќе домашни и странски награди, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста што ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при ЕУ.