Градоначалникот Борче Јовчески вечерва присуствуваше на изложбата „Suzanne“ од уметницата Ивана Мојсовска. Јовчески и честита на авторката посакувајќи и плодна и успешна работа. Ивана Мојсовска е млад, современ автор од Скопје, кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографија говорат за нејзиниот диверзитет додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус. „Сузан“ (Suzanne) е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловува моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Изложбата е инспирирана од веќе реализираниот танцов перформанс во колаборација со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.