Денеска во СОУ „Ристе Ристески-Ричко” беа промовирани паралелките од годинешната генерација ученици кои се запишаа во образовните профили за дуално стручно образование по германски модел: Техничар за индустриска мехатроника и Техничар за производно машинство.
Комисијата за дуално образование при Делегацијата на германското стопанство во нашата земја го посети училиштето, при што директорот Патрик Мартенс им додели училишни ранци на учениците. На средбата беа присутни и претставници од партнер-компаниите „Витаминка”, „Гентерм” и „Вик”, во кои учениците од дуалните паралелки ја реализираат својата практична обука.
„Имаме чест да ја поздравиме целата генерација ученици запишани на профилите Техничар за индустриска мехатроника и Техничар за производно машинство. Се радуваме што покрај средното стручно училиште, имаме уште три компании партнери кои заедно со училиштето ја спроведуваат програмата за образовните профили за дуално образование по германски модел: ‘Витаминка’, ‘Гентерм’ и ‘Вик’. Среќни сме што тука во Прилеп ја имаме оваа можност учениците да ја изучуваат наставата од овие два профила, а она што е специфично за оваа програма е што на учениците од втора година им се нуди можноста да посетуваат практична настава во рамките на овие компании и при тој процес да бидат придружувани од страна на сертифицирани и обучени ментори. На крајот од нивното образование, тие ќе имаат можност да го полагаат испитот за државна матура и да се стекнат со сертификат од германската стопанска комора, со што ќе бидат поконкурентни на пазарот на трудот“, посочи Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.
„Денеска имавме промоција на учениците кои се запишаа во паралелките за изучување на образовните профили по германски модел за дуално образование. Паралелките бројат онолку ученици колку што компаниите изразија интерес за обука. Така на пример, од струката ‘Техничар за индустриска мехатроника’ имаме запишано 10 ученици, од кои 5 својата практична обука ќе ја реализираат во ‘Витаминка’ а 5 во ‘Гентерм’. Од другата струка ‘Техничар за производно машинство’ 5 ученици обуката ќе ја извршат во компанијата ‘ВИК’“, истакна Билјана Трајкоска, директорка на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“.
Овој проект се спроведува во 5 градови во нашата земја: Прилеп, Кавадарци, Велес, Битола и Охрид.