„После повеќе од 60 години постоење на Завод и Музеј – Прилеп, отвораме една
ваква стална етнолошка поставка со материјал кој се наоѓаше во депоата.
Отворањето на изложбата е можност неа да ја видат учениците, граѓаните, но и
странците кои го посетуваат нашиот град“, рече на отворањето на Етнолошката
поставка, директорот на прилепскиот Завод и Музеј, Благоја Атанасоски.
„Изложбата е конципирана во неколку сегменти. Застапено е занаетчиството, како
најзастапена стопанска гранка во минатото, а најпознати занаети биле
казанџискиот, кантарџискиот, леарскиот и ковачкиот занает. Посебно место во
изложбата зазема кувенџискиот занает, претставен преку разни форми на
луксузни производи во форма на накит кој во минатото, бил составен дел на
машката и женската облека“, истакна авторот на изложбата, етнологот Горан
Цветкоски.
Цветкоски напомена дека вториот сегмент од изложбата, чиј работен наслов е
„Животот низ занаетите и традицијата“, традицијата, е претставен преку две
работни простории. Составен дел на изложбата е и килимарството, додека
традиционалниот празничен дел во семејството е претставен преку свечената
трпеза, која секогаш се користела за собирање на семејството и пријателите на
сите празници и домашни слави.
Прогласувајќи ја изложбата за отворена, градоначалникот Илија Јованоски
потенцираше дека со оваа изложба, Националната установа Завод и Музеј –
Прилеп направи исчекор напред и им овозможи на граѓаните да видат ретки и
вредни поставки.
„Покрај постојните поставки, Лапидариумот, Галеријата на икони, Археолошката
поставка, Музејот на тутун и Спомен куќите на Кузман Јосифоски – Питу и Блаже
Конески, од денеска Прилеп и Музејот стануваат побогати за уште една поставка,
Етнолошка, која говори за нашето богато културно-историско наследство.
Експонатите промовирани во неа сведочат за нашата вековна традиција, култура,
стил на семеен живот, работа и занаети“, нагласи градоначалникот Јованоски.
Јованоски рече дека сето тоа се препознава во народните носии, народните
ткаеници, металните и дрвените покуќнински предмети, алати за работа,
грнчарии, накит и слично и уште еднаш ја нагласи потребата од почитување и
негување на вредностите, за да не заборавиме кои сме и за што сме.