Во с.Витолиште се отвора мобилна канцеларија за параправна помош на жителите од најоддалечените рурални средини

Градоначалникот Илија Јованоски денеска одржа средба со здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп, на која се разговараше за унапредување на услугите за остварување на правата на граѓаните од општината, а особено на жителите од оддалечените рурални средини.

За таа цел, од страна на здружението беше презентирана иницијативата за воведување на мобилна канцеларија за параправна помош во село Витолиште, која ќе биде достапна за граѓаните во одредени денови во неделата. Во канцеларијата ќе работи тим составен од правник и параправник, кои ќе ги обезбедуваат услугите за граѓаните.

Во изминатиот период, СТАНИЦА П.Е.Т преку своите правници и параправници во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени, им нуди правна асистенција на граѓаните во остварувањето на нивните основни човекови права. Сепак, дел од граѓаните кои живеат во оддалечените рурални места имаат потешкотии во добивањето на услугите поради оддалеченоста од градот, што ги принудува да патуваат понекогаш и повеќе од 100 км во двата правци. Со воспоставувањето на мобилната канцеларија за параправна помош, граѓаните ќе можат да добијат помош и услуги директно во нивните заедници, со што значително ќе се подобри остварувањето на нивните права и ќе се овозможи еднаков пристап до правда за сите.

Градоначалникот Јованоски ја поддржа иницијативата преку бесплатното отстапување на просторија во сопственост на општината во с. Витолиште, а истовремено изрази поддршка на ваквите иницијативи кои имаат за цел унапредување на правата и квалитетот на живот на сите граѓани од општина Прилеп.

Мобилната канцеларија за параправна помош ќе се реализира со поддршка од Европската Унија и Украинската Фондација за Правна Помош.