Честитка на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, по повод 12 Август, Меѓународниот ден на младите:
Меѓународниот ден на младите, 12 Август, е причина повеќе да се навратиме на потребите и проблемите со кои се соочуваат младите, но и нивното секојдневно функционирање во специфичните услови кои ги наметна пандемијата на ковид-19.
Токму тие, младите, на своја кожа ја осетија суровоста на пандемијата која втора година по ред во целост го смени нивните навики, ги ограничи нивните секојдневни потреби, им наметна нов начин на живеење и практикување на социјалниот живот, нов пристап на полето на образованието и работната средина.
Обврска на сите нас возрасните, особено политичарите, е постојано да работиме на подигнување на свеста за улогата и значењето на младите во нашето општество. Во континуитет да ги охрабруваме за нивно што поактивно вклучување во процесот на креирање и донесување на политики за младите, да покажеме отвореност за прифаќање на нивните иницијативи и идеи.
Со издвојување на средства од државниот и општинските буџети, со формирање локални младински совети и младински центри и носење мерки за активно вклучување на младите во пазарот на трудот и другите области, да придонесеме за намалување на иселувањето од нашата држава и останување на младите во својата татковина.
Нека е честит Меѓународниот ден на младите, 12 Август!