По повод 100 години од раѓањето на народниот херој Борка Талески, патронот на Градската библиотека, синоќа во фоајето на Центарот за култура во Прилеп, со пригодна програма се чествуваа неговиот лик и дело.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски посочи дека е гордост да се биде градоначалник на Прилеп во година кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на истакнатите културни дејци од овој град: Блаже Конески, Коле Чашуле, Благоја Корубин, сите пријатели на народниот херој Борка Талески.
„Денеска иразуваме особена почит кон неговиот лик и грандиозно дело. Борка Талески е симбол за македонскиот непокор, храброст, пркос, борбеност и правда. Денеска по 100 години од раѓањето на Талески и 79 години од погибијата, овде во градот првоборец стоиме горди, чекориме храбро по патот на слободата, вградувајќи се во напредокот, развојот на Прилеп, исполнувајќи го аманетот што ни го оставија Борка Талески и сите храбри борци“, посочи градоначалникот Јованоски.
Директорката на библиотеката „Борка Талески“, Моника Талеска истакна дека установата брои 18 вработени, кои успешно ја извршуваат доверената задача и им го предаваат на читателите богатото културно наследство.
„Секојдневно се обидуваме како вработени, како актуелна екипа да ја јакнеме симбиозата библиотекар – читател. Да ја приближиме љубовта на книгата кон младиот човек, бидејќи книжевноста, творештвото, делата, живеат само во допирот со читателот“, истакна Талеска.
На настанот свои обраќања имаа и историчарот Рубин Белчески, Кети Смилеска директорка на прилепската болница чиј
патрон е Борка Талески, д-р Наде Караџоска која ја претстави раритетната поставка со книги, а со свој музички перформанс настапија и Андријана Дукоска на виолончело и Љупчо Трајаноски на виолина.
Во текот на вчерашниот ден, делегација од Градската библиотека „Борка Талески“ положи свежи цвеќиња пред спомен бистите на херојот и спомен обележјето во месноста Чашка, а претставници на Сојузот на филателисти на Македонија, презентираа две колекции од проектот „Седум народни херои“, во чии рамки е и печатењето на поштенска марка со ликот на Борка Талески.