Утре, 27 мај, од 09.00 до 14.00 часот, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Црвениот крст од Прилеп, во просториите на Општина Прилеп ќе биде организирана крводарителска акција, на која ќе бидат запазени сите безбедносни мерки за заштита од коронавирусот.
Ова е втора година по ред како во просториите на Општината, на иницијатива на градоначалникот Илија Јованоски се организира крводарителска акција, а се’ со цел да им се помогне на сите оние граѓани и пациенти кои имаат потреба од драгоцената течност.
Во таа насока, првиот човек на општината упатува порака до граѓаните дека пандемијата со Ковид-19 не е пречка за уште еднаш да покажеме дека Прилеп е град на хумани граѓани, град на солидарноста и крводарителството.
„Апелирам до сите наши сограѓани кои се во добра здравствена кондиција, да издвојат дел од своето време и да даруваат од скапоцената течност која спасува животи. Дарувајќи крв, особено во услови на актуелната светска здравствена пандемија, покажуваме висока свест за потребите кои се од животно значење за нашите сограѓани. Докажуваме дека со хуманост, солидарност и подадена рака, можеме да ги надминеме сите предизвици“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот Јованоски.