Со средства од Општина Прилеп и донации од разни институции и невладини организации, во ОOУ „Кирил и Методиј“ во Канатларци и во подрачните училишта, значително се подобрени условите за изведување и следење на наставата.
„Со реконструкцијата на покривот во училиштето во Канатларци, го решивме еден од најголемите проблеми. Истовремено, ги реновиравме тоалетите, го заградивме училишниот двор, а училниците ги опремивме со потребниот инвентар: клупи, ученички столчиња, ормари, канцелариски столици. Изградивме рампа за пристап на лицата со телесен инвалидитет, а со помош на донации од ‘Аџибадем Систина’, ТИКА и СЕГА, училиштето го опремивме со 30 статични компјутери, проектори, лап топ, смарт табли, како и безконтактни топломери и средства за заштита од коронавирусот“, посочува директорот на ОOУ „Кирил и Методиј“ од Канатларци, Бајрам Јусуфоски.
Јусуфоски нагласува дека со грант од јапонската амбасада, целосно е променета внатрешната и надворешната дограма во училиштето во Канатларци, дека е инвестирано и во подрачните училишта во населените места Подмол и Ерековци, додека пак во Бонче за прв пат се изградени тоалети и систем за довод на техничка вода до училишната зграда, бидејќи се’ досега училиштето воопшто не било снабдено со вода.
Директорот на ООУ „Кирил и Методиј“, Бајрам Јусуфоски, очекува со средства од Општина Прилеп, МОН и од разни донатори, да продолжат инвестициите во училиштата во населените места, кои со години наназад биле запоставени и оставени на забот на времето.