Во пресрет на школската година, градежни активности во ООУ „Кочо Рацин“

Деновиве во дворот на ООУ „Кочо Рацин“ во Прилеп, се одвиваат градежни активности околу поставување на нов асфалтен слој. На површина од 2.500 метри квадратни поставен е асфалт, а дополнително ќе биде извршено и обележување на дворното место што е неопходно за непречено изведување на наставата по физичко и здравствено воспитување.

Градежните активности околу поставувањето на асфалт во дворното место се завршени, следува поставување на ново осветлување. Како што истакна директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Зора Чадамова, средствата за реализација на градежните активности во висина од над 2 милиони денари, се обезбедени од буџетот на Општина Прилеп.

Чадамова потенцира дека, со цел уредување и дезинфекција на ентериерот на училишната зграда, ќе бидат варосани вториот спрат и приземјето кои минатата година не биле опфатени во реконструктивните зафати на училишната зграда. За оваа потреба издвоени се 790.000 денари од општинскиот буџет.

Во ООУ „Кочо Рацин“ со редовен процес на орбазование опфатени се 800 ученици, а оваа учебна 2020/2021 година своето образование ќе го започнат 90 првоодделенци.