Во пресрет на 1 август, кој во Русија се одбележува како Ден на сеќавање на загинатите руски војници во Првата светска војна, амбасадата на Руската Федерација организираше комеморативна церемонија на германските воени гробишта во Прилеп, каде се погребани телата на десетина руски војници.
Пред спомен-плочата на загинатите руски војници, свежо цвеќе положија делегации од руската амбасада и Општина Прилеп, предводени од амбасадорот Сергеј Баздникин и градоначалникот Илија Јованоски, како и претставници на Здружението за руско-македонско пријателство.
„Лекциите од Првата светска војна нè потсетуваат на тоа колку разорни се последиците од поделби во алијанси и политики на конфронтација. Во 1914 година, Русија вложуваше секаков можен напор за да се избегне крвопролевањето во Европа, но беше принудена да одговори на предизвикот, штитејќи го братскиот словенски народ. Стремежот кон мир и конструктивна соработка меѓу државите врз основа на еднаквост и заемно почитување, немешање во меѓусебните внатрешни работи е карактерна особина и на денешната руска надворешна политика. Убеден сум дека ваквите настани, како што е овој денес, придонесуваат за проширување и зајакнување на билатералните меѓучовечки врски меѓу нашите држави, служат како добар пример за грижливо и внимателно однесување кон војнички меморијали, зашто особена благодарност им упатувам на градоначалникот и граѓаните на општина Прилеп“, истакна во своето комеморативно обраќање амбасадорот Баздникин.
Баздникин, додаде дека повеќе од 4.200 војници и офицери на втората и четвртата специјална бригада на руската императорска армија, исполнувајќи го својот сојузнички долг во состав на Источната армија на Антанта, ги положиле своите животи на македонско тло. Руската амбасада, како што посочи амбасадорот, продолжува да работи на идентификување на нивните гробовите, вклучително и во прилепскот регион, каде што во 1916-1917 година се воделе жестоки битки.