Наесен започнува реконструкцијата на фреквентната улица „Мице Козар“

„Со средства од Министерството за транспорт и врски, есенва започнува санацијата и реконструкцијата на улицата ‘Мице Козар’, една од најфреквентните улици во градот“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

На заедничката прес конфернција со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, градоначалникот Јованоски истакна дека реконструкцијата на оваа улица претставува важен и крупен проект, што ќе придонесе за подобрување на патната инфраструктура во Прилеп и за поголема безбедност во сообраќајот.

Јованоски потсети дека Општина Прилеп аплицираше и за втората транша во Министерството за транспорт и врски, со проект за реконструкција на улицата „Леце Котески“.

„За втората транша аплициравме со уште еден крупен инфраструктурен проект, тоа е улицата ‘Леце Котески’, која е клучна за влезот од Крушево. Со реконструкцијата на оваа улица, како и со изградбата на новиот бетонски мост во ‘Сточен пазар’ и реконструкцијата на улицата ‘Трајко Николоски’, ќе се заокружи патната инфраструктура во тој дел од градот. Оваа година Општина Прилеп реализираше многу крупни проекти. Асфалтиравме околу 25 км улици во градот и населените места, поставивме околу 9.000 м2 бекатон плочки, а со изградбата на улицата ‘Мице Козар’, ќе ја завршиме оваа градежна сезона“, потенцираше градоначалникот Јованоски.

Министерот Сугарески рече дека заложбите на Министерството за транспорт и врски за подигнување на квалитетот на живот во секоја општина, се видливи на терен и дека тие се потврдени со бројните проекти што Министерството ги реализирало насекаде низ државата.

„Еден од тие проекти за кој сметаме дека е значаен инфраструктурен проект за општините, е проектот за изградба и реконструкција на локални улици во сите 80 општини и Градот Скопје, за што инвестираме вкупно  70 милиони евра. Средствата се обезбедени, а согласно утврдената методологија, на секоја општина и’ се распределени средства за кои општините веќе аплицираа во Министерството за транспорт и врски. Денеска сме тука да го најавиме почетокот на реализација на овој проект. Сакам да информирам дека Министерството за транспорт и врски го објави првиот тендер за изградба и санација на локални улици и патишта во 17 општини. Во оваа прва фаза ќе се работат 28 локални улици во должина од 23,6 километри, во вредност од 4,5 милиони евра. Сметаме дека со овој проект не само што ќе го подобриме урбаното живеење, туку ја зголемуваме безбедноста во сообраќајот, создаваме услови за економски развој на општините и привлекување на нови инвестиции“, нагласи Сугарески.

Министерот за транспорт и врски истакна дека реализацијата еден ваков проект ќе придонесе за рамномерен регионален развој, економско зајакнување на општините, како и за намалување на разликите помеѓу планските региони и Општините кои спаѓаат во нив.