Канатларци добива дополнителни количини вода за пиење, решен 25 годишниот проблем на жителите на населеното место

Со ископувањето на бунарот за вода за пиење, се решава повеќедеценискиот
проблем на жителите на населеното место Канатларци. Тоа е заклучокот од
денешниот увид во завршните работи на бунарот, проект на Општина Прилеп кој за
жителите на Канатларци е од капитално значење.

„Дваесет и пет годишната сага на жителите на Канатларци, во овој момент
завршува. Ова што го гледате зад мене, е бунарот на кој во моментов се работи.
После испитувањето на квалитетот на водата во Центарот за јавно здравје Прилеп, тој ќе биде ставен во употреба. Жителите на Канатларци треба да бидат задоволни, затоа што 25 години го чекаа овој момент. Отсега натаму тие редовно ќе имаат вода за пиење, а исто така ќе бидат направени и поила за напојување на стоката. Исто така, сакам да напоменам дека од следната недела ќе се врши инфраструктурно уредување во Канатларци, односно ќе се асфалтира пат во должина од околу 1.000 метра. Со тоа ги заокружуваме инфраструктурните зафати кои во Канатларци ги прави Општина Прилеп“, изјави градоначалникот Илија Јованоски, за време на денешната посета на локацијата каде се врши ископот на бунарот.

Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески истакна дека
Канатларци е најзагрозеното населено место според расположливите количини на
вода за пиење.

„Најнапред мора да кажам дека со бунарот кој беше избушен пред десетина дена,
најдени се 1.5 литри вода во секунда, а во следните денови почнуваме со носење
линија до резервоарот на веќе постојниот бунар. Овде, во овој бунар се најдени
повеќе од 7 литри во секунда вода за пиење, а нејзиното ставање во употреба
најмногу ќе зависи од тоа кога Електродистрибуција ќе донесе струја до бунарот.
Очекувам дека тоа ќе биде направено во најбрзо време, после што Канатларци ќе
нема никакви проблеми со потребните количини вода за пиење“, потенцираше
Јанески.

„Имавме во селото бунар, тој имаше мала литража, а сега со ова се решава
проблемот. Затоа благодарност до градоначалникот и до локалната самоуправа на
Општина Прилеп“, вели Метин Мемишоски, претседател на месната заедница
Канатларци.

Новиот бунар е длабок 95 метри а според очекувањата, откако ќе бидат завршени
сите градежни и технички активности, се очекува дека неговата издашност ќе
достигне до 10 л/сек.