Информација од Народна банка на Република Северна Македонија:
Во контекст на нашите залагања за заштита на јавното здравје и на активностите
коишто ги преземаме заради намалување на физичкото присуство во банките
(преку системски модели коишто ќе се применуваат за сите големи / групни исплати
на средства), ја проследуваме информацијата за исплатата на тутун.
– За примателите на субвенции коишто поседуваат дебитни картички, овозможено е
доколку веќе имаат неодложна потреба дел од добиените средства да подигнат во
готовина, тоа за првпат да можат да го сторат на банкоматите во општината во
којашто живеат, веќе во понеделник (20 април), од 16 до 23 часот.
Со ваквата поставеност ќе се настојува граѓаните коишто поседуваат дебитни
картички, а имаат потреба од готовина да се мотивираат да не ги посетуваат
филијалите и експозитурите на банките.
– За примателите на субвенции коишто не поседуваат дебитни картички (а воедно
сепак можеби и такви коишто поседуваат, но пак би преферирале посета на
благајна/шалтер), доколку имаат потреба од подигнување готовина од субвенциите,
тоа ќе можат да го сторат според следниов распоред, според првата буква :
– 21 април (вторник) – А, Б, В, Г, Д;
– 22 април (среда) – Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К;
– 23 април (четврток) – Л, Љ, М, Н, Њ, О, П; Р;
– 24 април (петок) – С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Апелираме до примателите на субвенции за почитување на распоредот, којшто е
димензиониран за бројот на корисници на субвенции да е рамномерно распределен
во повеќе денови.
– Во периодот од 21 до 24 април, со продолжено работно време од 8 до 17 часот ќе
работат филијалите и експозитурите на:
– НЛБ Банка: Прилеп, Битола, Радовиш, Велес, Струмица, Кочани, Кавадарци и
Неготино;
– Стопанска банка АД Скопје: Прилеп, Битола (Широк Сокак), Радовиш и Струмица.
Во другите општини, филијалите и експозитурите на сите банки ќе работат според
постојното работно време во овој период.
– Во општините во коишто банките ќе работат со продолжено работно време, при
посета на филијала или експозитура заради подигнување готовина од исплатени
субвенции, за примателите на субвенции, движењето ќе биде овозможено до 18
часот.
– Припадниците на МВР ќе поседуваат списоци со лицата коишто се со место на
живеење во конкретна општина и се приматели на субвенции.
Ваквата поставеност, распоредот итн. се подготвени со усогласеност и интензивна
комуникација меѓу надлежните министерства вклучително и Министерството за
финансии, Народната банка, Платежната агенција, Македонската банкарска
асоцијација и банките итн. при што секоја од институциите презема активност во
рамки на своите надлежности.
Потсетуваме дека уплатените средства, на вашите сметки ќе ви бидат на
располагање постојано и доколку готовината не ви е итно неопходна, заради
заштита на здравјето, во овој период не мора да ги посетувате филијалите и
експозитурите на банките. Тоа ќе може да го сторите и натаму, секогаш кога ќе
имате потреба од готовина.
Истовремено, потсетуваме дека заради заштита на здравјето, соодветно е овие
средства да ги користите и со употреба на електронското или мобилното
банкарство, преку коишто може да вршите и трансакции/плаќања итн. Со тоа ќе
избегнете физичка посета на банките и чекање во ред, и клучно – ќе го заштитите и
своето и здравјето на другите. Доколку досега не сте корисник на ваква банкарска
услуга, можете веднаш да се обратите до банката во којашто е вашата сметка,
преку нејзиниот контакт-центар или другите комуникациски канали и да добиете
информации за користење на ваквите услуги, за да не ги посетувате експозитурите
и филијалите.
Доколку сепак, веќе имате потреба да подигнете готовина од исплатените
субвенции, апелираме да го почитуваме распоредот и:
– пред и во објектите на банките да ги почитувате препораките за самозаштита,
вклучително и да сте на соодветна раздалеченост од другите лица и
– да ги почитувате насоките од лицата коишто ќе се грижат за редот пред и во
објектите.
Интензивни активности преземаат и банките, вклучително и со зголемување на
капацитетот за работа во претстојните денови, при што секако се задржани
резервни тимови, зголемено присуство на редари, обезбедување средства за
дезинфекција за клиентите, непречена работа на банкоматите итн.