Совет на општина Прилеп: Усвоени економски мерки за помош на правните и физичките лица

Советот на општина Прилеп денеска ја одржа својата 42 седница, на која усвои
повеќе Одлуки за ослободување на правни и физички лица од разни давачки кон
локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија, со цел да им се
помогне во кризната ситуација настаната со пандемијата на коронавирусот.

„Советот донесе Одлука за намалување на фирмарината од 6.000 денари на
4.000 денари, со вкупна сума на ослободување на правните лица во висина од 4.5
милиони денари, додека користењето на просторот пред деловниот простор се
намалува од 15 денари, на 5 денари по квадратен метар. Со оглед на тоа дека во
месеците на вонредната состојба угостителите ќе бидат комплетно ослободени од
оваа давачка, висината на вкупните средства од кои ќе бидат ослободени
изнесува 8 милиони денари. За 600.000 денари е намалено истакнувањето на
рекламни објави на јавни места, со што севкупно намалувањата на овие давачки
за правните лица изнесува 13.2 милиони денари“, изјави претседателот на
општинскиот Совет, Миле Талевски, по однос на мерките предложени од страна
на Општина Прилеп.

Талевски ги истакна и другите мерки кои ги предложија јавните комунални
претпријатија, а кои прилепските советници едногласно ги усвоија.

„Се ослободуваат социјално загрозените лица и самохраните родители од
обврската за плаќање комунален отпад за месеците април и мај. Времено се
ослободуваат од плаќање надомест за подигање комунален отпад правните лица
од Старата чаршија и самостојните занаетчии. Ослободувањето се однесува на
дуќанџиите, занаетчиите и сите угостители и хотелиери од подрачјето на општина
Прилеп. Исто така, Советот донесе одлука за ослободување од плаќање надомест
на сите закупци на тезги и на деловен простор во сопственост на ЈКП ‘Пазари’.
Сакам да потенцирам дека сите одлуки се донесени едногласно“, потенцираше
Талевски.

На денешната седница, Советот на општина Прилеп даде согласност за планот за
заштита и спасување од поплави, а ја и усвои Одлуката за утврдување на
приоритет за учество во проектната апликација „Паметни прекугранични мрежи за
одржливо вработување и раст во туризмот“.