Почитувани,
Како прв човек на градот, чувствувам потреба и обврска да се обратам до вас, граѓаните на општина Прилеп, по однос на дезинформациите кои вчера и денеска кружат на социјалните мрежи, за мој наводен контакт со било кој од вработените во ПЗУ „Ортомедика“ во последните петнаесетина дена, каде за жал на еден член на медицинскиот персонал му е констатиран позитивен наод од коронавирусот.
Со најголема индигнација ги отфрлам ваквите дезинформации.
Веднаш после потврдувањето на случајот, согласно препораките на надлежните служби, амбулантата е привремено затворена, а останатите членови од медицинскиот персонал се наоѓаат во самоизолација.
Јас, како доктор и пред се’ како совесен и одговорен граѓанин, целосно сум свесен за опасноста по јавното здравје и здравјето на граѓаните на општина Прилеп од непочитување на мерките и препораките за справување со коронавирусот, а во таа насока, како градоначалник иницирам и донесувам локални мерки за превенција од Ковид 19.
Во услови кога борбата со коронавирусот е наш врвен приоритет, тенденциозното ширење на дезинформации и лажни вести, е чин на највисока неодговорност и е во правец на создавање паника и страв кај граѓаните.
Во врска со ситуацијата со коронавирусот во нашата општина, апелирам граѓаните да се информираат исклучиво од претставници на официјалните институции.
Да не ги стигматизираме заразените со коронавирусот, како и сите оние кои се наоѓаат во самоизолација. Да им дадеме поддршка во справувањето со оваа болест, затоа што тоа на секого може да му се случи.
Во оваа прилика сакам да упатам јавна благодарност и да ги охрабрам сите здравствени работници од нашата општина: вработените во Општата болница, Центарот за јавно здравје, Здравствениот дом, Итната медицинска помош, матичните лекари и стоматолозите.
Тие се првата борбена линија во справувањето со пандемијата на Ковид 19.
Почитувани сограѓани,
Почитувајте ги мерките на Министерството за здравство, за заштита од коронавирусот. Колективното здравје зависи од личната одговорност на секој од нас.