Панел дискусија: „Улогата на бизнис заедницата во градење цврсти партнерства со НАТО сојузниците“

Во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции, синоќа во големата сала на Општина Прилеп се одржа панел дискусија на тема „Улогата на бизнис заедницата во градење цврсти партнерства со НАТО сојузниците“.

Отворајќи го настанот, градоначалникот Илија Јованоски нагласи дека станува збор за особено важна тема, од причина што членството на нашата држава во НАТО е од голема важност за нејзината безбедност, стабилност и економски развој.

„Кога една земја се приклучува кон Северноатлантската алијанса, таа добива сојузници, ја осигурува и зајакнува својата безбедност и територијален интегритет, ѝ се отвораат можности за економска соработка со нејзините членки. Безбедносниот чадор на НАТО за Македонија и сите граѓани е огромна придобивка, бидејќи стануваме атрактивна бизнис дестинација за странските инвеститори, кои овде со НАТО ќе имаат безбедносни гаранции за нивните вложувања и бизниси. Создавањето поголеми можности за работа ќе ги мотивира младите сѐ повеќе да ја остваруваат својата кариера и да се реализираат овде, во нашата општина. На овој начин градиме основа за просперитетна иднина и создаваме услови за стабилен економски развој“, истакна во своето излагање градоначалникот Јованоски.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска зборуваше за финансиските можности кои им се отвораат на македонските фирми со влезот на нашата држава во НАТО.

„За нашите компании се отвора нов пазар со вредност од околу 5 милијарди евра, во сервисни продукти како што се набавка, оперативна поддршка, транспорт, одржување, кодификација, услуги за сајбер безбедност итн. Понатаму, се добива политичка сигурност која ги стимулира инвестициите, како странските така и домашните, што пак влијае на зголемување на бројот на работни места, намалување на невработеноста, зголемување на обемот на трговија што резултира со економски раст и подигнување на животниот стандард на сите граѓани во нашата држава“, потенцираше министерката Ангеловска.

Заменик амбасадорот на Велика Британија во нашата држава, Доминик Отвеј ги акцентираше придобивките кои неговата држава ги има во 70 годишното членување во НАТО и придобивките кои ги имаат земјите членки на Северноатлантскиот сојуз.

„Членувањето во НАТО носи финансиска полза за нејзините членки. Првата полза што ние ја имаме, е што како членка на НАТО 70 години сме безбедни, што во целиот тој период немало конфликт во ниту една земја членка на Алијансата. Она што бизнисмените од сите земји го кажуваат, е дека кога се одлучуваат да инвестираат во некоја земја, број еден им е стабилноста. Друга предност е што сојузот ја поддржува демократијата и дава поддршка на владеење на правото, а НАТО им дава поддршка на своите политички партнери во тешки ситуации“, нагласи вториот човек на амбасадата на Велика Британија, Доминик Отвеј.

На синоќешната панел дискусија дискусија присуствуваа и пратеникот Хари Локвенец, претставници на бизнис секторот, членови на општинскиот Совет, на невладини организации и други граѓани.

Пред почетокот на панел дискусијата, градоначалникот Јованоски во својот кабинет оствари средба со министерката Ангеловска и заменик амбасадорот Отвеј, на која разговараа на теми поврзани со работата на прилепската локална самоуправа.