Општина Прилеп заедно со “Витаминка“ АД Прилеп, a во соработка со Fire-Aid International и прилепската компанија „Коузон“, реализираа проект преку кој се донира едно навално противпожарно возило, марка DENNIS, од анлиско производство, за потребите на Територијалната противпожарна единица на Општина Прилеп.
“Денеска присуствуваме на пригоден настан во oпштина Прилеп, кој се случува во ТППЕ – Прилеп, при што нашата противпожарна единица доби уште едно противпожарно возило, а бевме сведоци и на една показна вежба на пожарникарите. Возилото, кое е опремено со сите неопходни алатки и реквизити за справување со пожари, е донација од прилепската компанија „Витаминка“, Fire-Aid International и компанијата „Коузон“. Во неполни два месеци, ова е трето противпожарно возило кое, како и другите возила, ќе биде од голема помош. Не застануваме тука, ќе имаме нови инвестиции и други набавки за ТППЕ – Прилеп, која многу вешто се справува со пожарите“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.
“Општествената одговорност на нашата корпоративна стратегија, опфаќа и одговорно делување на претпријатието во локалната заедница. Со оваа наша втора донација, всушност помагаме за брза и навремена теренска интервенција на ТППЕ, и во намалувањето на пожарите. Овој проект е особено значаен поради фактот што соработката со ТППЕ – Прилеп и останатите партнери во проектот, продолжува и понатаму, преку размена на искуства и заедничка помош. Како компанија, особено сме среќни што ја направивме оваа конекција“, посочи Орде Горѓиоски, директор на општ правен сектор во „Витаминка“ АД Прилеп.
Инаку, донираното противпожарно возило од марката Dennis Sabre, е произведено во 2002 година, во Англија, опремено е со 3 подвижни скали со висина од 13.5 метри, а поседува целосна опрема за спасување на лица од сообраќајни несреќи (специјални ножици за сечење на сите видови на каросерии, опрема за раздвојување на возила од удар, со повеќенаменски делови), како и целосна опрема за гасење на пожари во урбана средина. Носивоста на возилото е 2.000 литри вода, со тоа што силата на пумпите е со капацитет од 2.000 литри во минута. Во Прилеп, со возилото пристигнаа и тројца противпожарни инструктори, кои се професионално ангажирани од противпожарна служба во Англија.
“Ова противпожарно возило беше 15 години во служба во Велика Британија, а сега е донирано тука. Возилото е опремено со две скали, опрема која е наменета за сообраќајни незгоди на пат, црева, млазници, секачи, односно се’ она што е потребно за гасење на пожари. Многу моќно и силно возило, со 300 коњски сили, со кое може брзо да се реагира во ситуација на опасност. Мило ни е што можеме да соработуваме со Општина Прилеп и ‘Витаминка’, се’ со цел да овозможиме подобра заштита на населението во Прилеп“, посочи Рој Бараклоу, директор на англиската доброволна организација „FLORIAN OPERATION“.
„Во името на ‘Коузон’ сакам да се заблагодарам на сите ученици во проектот, преку кој даваме допринос во спречување на пожарите во урбаните средини. Проектот започна во втората половина на месец март, додека пак изборот на возилото беше направен во јуни, а доопремувањето беше во септември, со што во период од шест месеци успеавме да го донесеме возилото. Со ова нема да престане нашата активност, бидејќи како прилепчанец сакам да се оддолжам на мојот град“, посочи Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“.
“Голема благодарност до ‘Коузон’ и компанијата ‘Витаминка’, кои уште еднаш ни донираа противпожарно возило. Овој пат се работи за наменско навално возило, кое може да се користи како за пожари, така и за технички интервенции и сообраќајни несреќи, а со кое значително се подобри нашиот технички парк. Морам да посочам дека во моментот ефикасноста е на највисоко можно ниво, бидејќи опремата што ја добивме, е на највисоко технолошко ниво“, посочи Виктор Стојчески, командир на ТППЕ – Прилеп.
Покрај навалното возило, донацијата вклучува и обезбедување долгорочна стручна помош, преку реализација на повеќедневна обука за користење на средствата и размена на искуства. Со обуката ќе бидат опфатени сите пожарникари од ТППЕ-Прилеп, а ќе ја изведуваат професионални инструктори од Англија.
Ова е втора донација на Витаминка во рок од две недели за потребите на ТППЕ – Прилеп, а претходната донација се состоеше од теренско моторно возило од марката „Митсубиши Л200“.