Вчера во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ се одбележа Светскиот ден на детето. Целта на одбележувањето на овој ден е да се сврти вниманието на јавноста кон обврските што ги има општеството кон децата, како и проблемите што ги имаат децата.
Под мотото „Правобранителите за учениците“, учениците правобранители од Гимназијата организираа целодневен настан со разновидни активности. Имено, во текот на целиот ден учениците правобранители беа меѓу учениците во училиштето: поставија штанд со пропаганден материјал за правата на детето, преку директни разговори ги информираа учениците за улогата на ученикот правобранител во училиштето, им делеа флаери и формулари за претставки до ученикот правобранител во училиштето за прекршени детски права и посочуваа многу други корисни информации од областа на детските права.
Всушност, тоа беше одлична промоција и инфо ден за функцијата „ученик правобранител“ која постои во Гимназијата. Настанот го привлече вниманието на учениците, посебно затоа што беше организиран на оригинален и непосреден начин. Целта на учениците правобранители од Гимназијата, беше нивните соученици да дознаат што повеќе за своите права и обврски, да се запознаат лично со Ана Плетварец – ученик правобранител во Гимназијата и нејзините заменици – правобранители Веселинка Илиовска и Елена Николоска. Во организацијата на настанот учениците несебично беа поддржани од Ученичкиот парламент на Гимназијата, педагогот Светлана Барлакоска, директорот Димче Настоски, како и професорките Емона Јованоска и Кети Ефремоска.
Целото случување се заокружи во вечерните часови, кога беше организирана свечена промоција со видео записи од активностите на правобранителите и драматизација на тема „Прекршување на детските права“. На свеченоста, покрај големиот број ученици, присуствуваа и директорот на Гимназијата, Димче Настоски, педагогот Светлана Барлакоска, советникот од БРО, Оливера Тодороска како и директори и ученици правобранители од средните училишта од градот.