Со доделување плакети, дипломи и благодарници на поранешни и актуелни членови на раководството, соработници и пријатели од земјата и странство, синоќа џудо клубот „Пролетер“ од Прилеп ја одбележа 40 годишнината од своето постоење.
Во своето обраќање пред големиот број пријатели и љубители на џудо спортот, долгогодишниот тренер и еден од основачите на ЏК „Пролетер“, Славе Димитријоски потсети на почетоците и на сите предизвици со кои клубот се соочил во своето четиридецениско постоење.
„За да дојдеме до основите средства за тренирање, бевме приморани да бериме пиперки во ЗИК ‘Прилеп’, да нижиме тутун во Институтот за тутун. Без разлика на тешките почетоци, ги паметиме само убавите моменти, другарувањето, патувањата, шегите и очекувањето на секој нареден тренинг, за повторно да се видиме и на татамите да ги совладаме вештините на џудото. Од тоа време до денес, низ џудо клубот ‘Пролетер’ поминаа над 2.000 членови. По однос на постигнатите резултати на домашните првенства, турнири и на меѓународен план, клубот е меѓу водечките во државата. Џудо клубот ‘Пролетер’ е една права спортска институција, мала ‘фабрика’ за џудо која во изминатите 40 години произвела голем број на талентирани џудисти, клуб кој никогаш не престанал со работа и кој секогаш растел. Она што го карактеризира овој клуб, е работата со најмладите возрасни категории, а тоа пак ни овозможува опстанок и истовремено е гаранција за постигнување на одлични спортски резултати и во иднина“, истакна Димитријоски, главниот „виновник“ што клубот со години претставува врв во македонското џудо.
Еден од добитниците на плакети за исклучителен придонес во развојот на џудо клубот „Пролетер“ е и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски кој како лекар остави личен печат во трасирањето на патот на успехот на клубот во самите негови почетоци.
„Во овие 40 години, продефилираа многу позитивни моменти во функционирањето на клубот. Сите досегашни членови и основачите на џудо клубот, им дадоа поттик на младите генерации да земат учество во натпреварите во поранешна Југославија и сега во Македонија. Јас неколку години како лекар бев дел од овој спортски колектив. Поминавме убави моменти, немаше многу повреди, така што јас сум задоволен од она што и јас лично, но и заедно го направивме во тие неколку години. Во овој момент би сакал од мое лично име и од името на Општина Прилеп, да ви го честитам јубилејот, да ви посакам уште поголеми успеси и да кажам дека локалната самоуправа ќе продолжи да ги поддржува спортските клубови од нашата општина“, изјави градоначалникот Јованоски.
По повод 40 години од своето постоење, џудо клубот „Пролетер“ им додели плакети на основоположникот на џудо спортот во Прилеп, Ѓорѓи Чатлески, на основачот и долгогодишен претседател на џудо клубот, Јане Џингоски како и на Калед Симонс, за неговиот исклучителен придонес во развојот на клубот.
Медал плакети за придонес во развојот на џудо спортот и џудо клубот „Пролетер“, им беа доделени на им доделува на Кирил Наумоски, Симон Гешоски, Петре Караниколов, Диме Настески и Петре Јанкулоски.
Постхумно, медал плакети им беа врачени на претставници на семејствата на поранешните спортски работници, натпреварувачи и членови на раководството на клубот: Костадин Шејкероски, Диме Печијарески, Илија Трпаноски, Воислав Петрески, Рашко Салатоски, Рубин Димоски, Марио Србиноски и Менде Мирчески.
За достигнувања од областа на спортот, а по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3.Ноември, џудо клубот „Пролетер“ е добитник на плакета која ќе му биде врачена на свечената седница на Советот на општина Прилеп, која ќе се одржи утре, недела, со почеток во 19 часот, во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“.