Денеска во дворот на СОУ “Ѓорче Петров“-Прилеп, учениците од струката на гинеколошко – акушерски сестри под менторство на класниот раководител Петра Лукароска, ја организираа активноста насловена како „Најди време да не биде 5 до 12“, која се организираше по повод ме по повод прогласувањето на октомври за светски месец за борба против ракот на дојката.
„Денеска со учениците од струката на гинеколошко – акушерски сестри, ја организиравме оваа здравствено- воспитна активност. Октомври е меѓународен месец за борба против рак на дојка. Бројот на заболени од рак на дојка се’ повеќе се зголемува заради неинформираност и нередовни прегледи. Целата на денешната активност е да ја подигнеме свеста кај младите луѓе за информираноста за ова заболување и колку порано започнат со само – прегледи, толку повеќе ќе се намали бројот на заболени од рак на дојка. Симболиката на ‘Најди време да не биде 5 до 12’, е токму тоа – да се јавиме на преглед и доколку забележиме промена, толку поефикасно ќе биде лекувањето“, посочи Лукароска.
Месец за свесноста за ракот на дојката е годишна меѓународна здравствена кампања од страна на големите добротворни организации за рак на дојка, со цел секој октомври да се зголемува свеста за болеста и да се соберат средства за истражување, превенција, дијагноза, третман и лекување на овој карцином. Кампањата, исто така, нуди информации и поддршка на оние кои се засегнати од ракот на дојка.