Книгата „Манастир Св. Илија“ од д-р Димитар Ќорнаков, денеска беше промовирана во с.Мелница, Мариово, во дворот на манастирскиот комплекс „Св. Илија“. Книгата содржи голем број на фотографии кои се дел од манастирот Св.Илија кој постои од 1870 година.
„Особена чест и задоволство ми е што денеска сме присутни на промоција на книгата на Димитар Ќорнаков, кој создаде значајно дело, културно наследство кое го поседува Македонија, посебно Мариовскиот дел. Локалната самоуправа финансиски ја поддржа оваа монографија и секогаш ваквите дела кои се од посебно значење и од интерес на граѓаните ќе ја имаат нашата поддршка“, посочи градоначалникот Илија Јованоски.
„Ви изразувам голема благодарност за тоа што денеска сте овде, на овој убав ден и во овој убав крај. Од се’ срце му се заблагодарувам на градоначалникот Илија Јованоски, кој ни даде голема поддршка за издавање на оваа книга. Еден ден мојот внук дојде со импресии од еден убав манастир каде направил многу слики, а местото се викало Мелница. Овој терен многу ми е познат и истражуван. Така се договоривме да го создадеме ова дело, кое зборува многу за тој крај, а ќе остане и вечен белег за идните генерации“, посочи авторот Димитар Ќорнаков.
Д-р Димитар Ќорнаков е познато име во областа на историја на уметноста. Спаѓа во редот на ретките и неуморните истражувачи на богатото македонско културно наследство, особено на македонските сакрални објекти на црквите и манастирите. Под негово менторство се имаат развиено познати истражувачи и афирматори, кои го негуваат духот и делото на македонската црква и традиција.
На денешната промоција беа присутни и Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г.Петар, директорот на НУ „Завод и музеј“ Благоја Атанасоски, промоторот на книгата Марко Китевски, главниот и одговорен уредник на „Матица Македонска“, Раде Силјан и голем број љубители на пишаниот збор.