Бројни инвестиции и позитивно финансиско работење на Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“

Нови индустриски машини за перење и за сушење алишта, за миење садови, потпишан договор за замена на внатрешна и надворешна столарија во едно од трите одделенија, замена на ПВЦ столаријата и стаклените површини од просториите за одмор и рекреација во истото одделение, како и замена на сите надворешни влезни врати во објектот со нови алуминиумски профили. Тоа се, како што соопшти на денешната прес конференција в.д. директорот на прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“, Мики Крстев, дел од реализираните проекти и проектите чија реализација во оваа институција ќе заврши до крајот на тековната 2019 година.  

 

„Во текот на 2019 година, во ЈОУ Дом за стари лица ‘Киро Крстески – Платник’ набавена е нова индустриска машина за перење алишта со капацитет од 25 килограми, во вредност од 548.700 денари, средства обезбедени од самофинансирачката сметка, а за потребите на кујната набавена е нова индустриска машина за миење на садови, со триминутен циклус на миење на приборот за јадење, во вредност од 160.480 денари, средства обезбедени од блок дотации. Овој месец потпишан е договор за набавка на нова индустриска машина за сушење на алишта со капацитет од 23 килограми, во вредност од 235.646 денари, која ќе биде испорачана и ставена во функција кон средината на октомври. Во однос на инфраструктурните инвестиции, потпишан е договор за делумна замена на внатрешна и надворешна столарија во едно од трите одделенија каде се сместени нашите корисници, во висина од 1.041.432 денари. Со договорот е предвидена замена на ПВЦ столаријата и стаклените површини од просториите за одмор и рекреација во истото одделение, како и замена на сите надворешни влезни врати во објектот со нови алуминиумски профили“, истакна Крстев.

Покрај тоа што се подобруваат условите за живот на корисниците на Домот, како што напомена Крстев, значително се зголемува заштедата на електрична и топлинска енергија,  односно се минимизира загубата на топлина во просториите на корисниците.

Во прилепскиот Дом за стари лица во тек е изработка на предмер пресметка за инсталација на сигнални уреди за повик на медицинскиот персонал, инсталација на уреди за дојава на пожар, како и делумна санација на критичните места на покривот. Во зависност од средствата кои на Домот ќе му бидат доделени со ребалансот на буџетот на Министерството за финансии, ќе се изврши молерисување на комплетниот објект, санирање на оштетени простории за сместување на корисници и набавка на нови душеци.

Што се однесува до финансиското работење, Домот за стари лица навремено ги исплаќа сите побарувања на доверителите, односно во моментов јавната општинска установа нема заостанати неплатени долгови.

ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ располага со капацитет од 151 легло, распределени во три одделенија, со моментална бројка од 134 корисници за чија нега е задолжен стручен персонал од 43 вработени.