Делегација на општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, од 25 до 29 септември ќе учествува на 30.Генерално собрание на Меѓународната Асоцијација на градови носители на пораката за мир, кое годинава се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.
На годинешното собрание ќе се разговара за теми поврзани со одржливите развојни цели на Обединетите нации, промоција на културата за мир во 21 век, со ставање акцент на Декларацијата на ОН за човекови права и создавање на инклузивни, безбедни и одржливи градови.
Оваа година Прилеп станува дел од Меѓународната Асоцијација на градови носители на пораката за мир, која е основана во 1988 година и на чие 30.Генерално собрание учество ќе земат претставници на 113 градови од светот.
Согласно предвидената агенда, градоначалникот Јованоски во сабота ќе има кратко излагање, после кое ќе следува видео презентација на „личната карта“ на градот, односно промоција на природните богатства, културно-историското наследство, како и на можностите за инвестирање кои ги нуди Општина Прилеп.