Сите пожари кои изминативе денови избувнаа на територијата на општина Прилеп се целосно изгаснати, а во моментот дежурни екипи од Територијалната противпожарна единица вршат проверка и контрола на опожарените терени, со цел спречување на повторно распламтување на огнената стихија.
Вработените од Територијалните противпожарни единици од Прилеп, Битола, Крушево и Кавадарци, волонтерите и вработените од општинските јавни претпријатија, од „Македонски шуми“ и од Дирекцијата за заштита и спасување, кои изминативе денови се вклучија во гаснењето на пожарите, покажаа врвна професионалност и пожртвуваност, со што спречија пожарите да земат уште поголем замав.
Тоа е информацијата која утрово во име на Општинскиот кризен штаб ја соопшти градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски при што изрази огромна благодарност до сите учесници во гаснењето на пожарите на петте локации во прилепскиот регион.
„Сакам да кажам дека сите пожари кои беа на територијата на општина Прилеп, и тоа кај населените места Лопатица и Подмол, во околината на манастирот во село Зрзе и село Рилево, уште од вчера се целосно под контрола, а од утрово локализиран е пожарот во месноста Шаторов Камен и во околината на село Селце. Овие пет денови, кризниот штаб и сите оние кои беа вклучени во справувањето со пожарите на територијата на општина Прилеп, навистина работеа напорно. Пред се’ сакам да упатам благодарност до Територијалната противпожарна единица од Прилеп, затоа што со натчовечки напори истовремено делуваше на пет различни локации и успешно ја заврши својата работа“, изјави градоначалникот Јованоски.
За успешното справување со пожарите, Јованоски испрати благодарност и до Јавните комунални претпријатија од нашиот град, како и до Дирекцијата за заштита и спасување, чии авиони за гаснење пожар во два наврати беа вклучени во справувањето со пламените јазици.
Повикувајќи се на проценката на стручните служби дека човечки фактор е причината за пожарите во прилепско, градоначалникот Јованоски упати апел до несовесните граѓани да бидат свесни за последиците од нивните постапки, особено заради фактот што за време на пожарот околу село Селце, во тек беше и еднодневна екскурзија на ученици од основно училиште од Прилеп.
Истовремено, Јованоски потенцираше дека од денес се забранети сите екскурзии во природа за учениците од основните и средните училишта, како и тоа дека Општина Прилеп ќе продолжи да ги презема сите неопходни превентивни мерки за спречување појава на нови пожари на нејзината територија, а паралелно и независно од пожарите, општината веќе презема активности за садење на зимзелени дрвца во градот. Исто така, при крајот на месец октомври и почетокот на ноември, во соработка со „Македонски шуми“ ќе биде спроведена акција за пошумување на околината на градот.
Според заменик командирот на ТППЕ – Прилеп, Менде Николоски пожарите се целосно под контрола, а нивни екипи во моментот го чуваат местото каде беше пожарот во околината на Селце, со цел да спречат негово повторно активирање.