Партерно и хортикултурно уреден училишен двор, комплетно реконструирано кошаркарско игралиште, молерисани сите училници, кабинети и ходници, набавена нова индустриска машина за подигнување на хигиената на повисоко ниво, комплетиран процесот на набавка нови бели и смарт табли во училниците и лабораториите. Тоа е, како што истакна директорката Анета Пејоска, само дел од амбиентот во кој учениците и вработените во СОУ „Орде Чопела“ ја дочекаа новата учебна 2019/2020 година.
„Реактивирана е работата на реалната училишна компанија ‘Детелинка’, која врши редовно контролирано и ограничено производство на бели печива за потребите на училиштето, со интенција во понатамошниот период производството да се прошири. Потпишан е меморандум за соработка со ветеринарната амбуланта, со компанијата ‘Секе’ како и со ЈКП ‘Комуналец’, каде што дел од партерното уредување на градот е со цвеќе кое учениците го произведуваат во нашето училиште. Исто така, потпишан беше меморандум за соработка и со Прилепска Пиварница, каде нашите ученици ја изведоа феријалната пракса, а унапредена е соработката и со други компании од градот во кои учениците ќе ја изведуваат практичната настава“, истакна директорката Пејоска.
Пејоска напомена дека со партнерски училишта од Литванија, Италија и Шпанија, училиштето доби проект од „Еразмус“ програмата, чија реализација ќе започне во март следната година.