Денеска во Прилеп, во организација на Сојузот на здруженија на тутунари, се одржа работилница на тема „Усогласување на тутунскиот сектор на Северна Македонија со заедничката земјоделска политика и регулативите на ЕУ“. Работилницата е дел од проектот финансиран од ЕУ „Градење на основа за реформа на тутунскиот сектор“.
На работилницата присуствуваше и Никола Бертолини, раководител за соработка на Делегацијата на ЕУ во нашата држава, како и државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Нефрус Челику.
Презентација на проектните активности поврзани со одгледувањето тутун и пилотни активности, имаше тим лидерот на проектот, Димитар Ванев.
Експертот од Шпанија, Габриел Трензадо ги презентираше основните барања за организација на пазарот во тутунскиот сектор во ЕУ, врз основа на искуството од Шпанија, како и националните програми и мерки за поддршка на земјоделските тутунски земјоделства во Шпанија, вклучително и за диверзификација и за заштита на животната средина.
Исто така, на работилницата се дискутираше за предлози за примена на добри практики за подобро усогласување и адаптација на тутунскиот сектор во Македонија, со регулативата на Заедничките пазарни организации на ЕУ (ЦМО).
После завршувањето на работилницата, учесниците посетија две пилот-фарми поддржани од проектот, и тоа земјоделското стопанство на Гордана Велјаноска во прилепското село Беровци и фармата на Влатко Наумоски во село Крушеани, општина Кривогаштани.