Општина Прилеп и ЈП за ПУП најенергично ги демантираат шпекулативните и клеветнички информации на порталите блиски до опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за наводниот дефект на еден од новите автобуси на метан.
Одредени портали се обидоа пробното возење на штотуку пристигнатите автобуси да го злоупотребат и со лажни вести да предизвикаат скандал таму каде што за тоа нема ни најмала причина.
Новите автобуси на метан, кои Општина Прилеп и ЈП за ПУП ги набавија за потребите на градскиот превоз, се наоѓаат во беспрекорна состојба и тие деновиве ќе бидат вклучени во сообраќај.
Впрочем, дека станува збор за најобична клевета на овие портали претставува фактот дека во сабота, 24 август во 11 часот, автобусите ќе бидат поставени на булеварот „Гоце Делчев“ во центарот на градот и ќе бидат промовирани пред граѓаните на општина Прилеп, а со посредство на медиумите и пред пошироката јавност.
Во оваа прилика, ги покануваме претставниците на порталите кои шират лажна вест за наводното расипување на еден од автобусите, да присуствуваат на овој настан и на промотивното возење низ улиците на градот и на тој начин самите да се уверат во исправноста на новите современи и еколошки автобуси на метан.
Со почит,
Општина Прилеп