Во изминатите две години, во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп, извршени се реновирања на делови од здравствената установа во кои ништо не било инвестирано од денот на нејзината изградба. Реновирани се болничката аптека и биохемиската лабораторија, при крај е реновирањето на амбулантите по ортопедија, урологија, хирургија, нервната и детската амбуланта, а останува да се заврши реновирањето на амбулантата по интерна медицина и амбулантата за очни болести, како и акушерското одделение.
Покрај двете санитетски возила, од кои едното е набавено со сопствени средства а другото е донација од Владата на Република Турција, од 2017 година па до денес, во болницата е извршена набавка и на друга бројна опрема и медицински апарати.
„Набавен е оперативен стол за хируршката и ортопедската сала, нов артроскоп за потребите на ортопедија, два ултразвучни апарати од кои едниот е за детското а другиот за хируршкото одделение, потоа нов апарат за одделението за анестезија и реанимација, плазма стерилизатор како и нова рентген цевка за апаратот за дензиметрија. Исто така, навабен е ЕЕГ апарат за потребите на нервно одделение, биохемиски анализатор со сите параметри кои се испитуваат од крвта и нов хематолошки бројач за крвните слики, нови 100 болнички кревети и уште многу други апарати“, истакна в.д. директорот на прилепската болница, Драги Богојески.
Исто како и во здравствените установи во целата држава, така и во Општата болница „Борка Талески“ постои природен одлив на персонал, но и заминувања на доктори и медицински сестри во странство, пред се’ во Германија. Според Богојески, болницата има недостиг од медицински лица во сите сфери, но сепак најизразен е недостигот на доктори.
„Оптималната бројка на вработени во болницата која е адекватна да одговори на барањата на пациентите, изнесува околу 560 лица. Претходната година имаше вработувања на 37 лица на неопределено работно време, меѓу кои и на доктори, мецицински сестри, физиотерапевти. Во моментов во тек е прием на нови 33 здравствени работници, а на одредено време ќе бидат реализирани и вработувања на немедицински кадар“, истакнува Богојески.
Првиот човек на прилепската болница потенцира дека во последните 3 години, од причина што донесените програми не соодветствувале со потребите од специјалисти, на специјализација не бил испратен ниту еден доктор од прилепската болница. За разлика од тогаш, годинава на специјализација ќе заминат 14 доктори, и тоа на специјалности каде што е најкритична состојбата во однос на јавување недостиг во скорешна иднина.
Што се однесува до финансиската состојба на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“, таа според оцената на в.д. директорот Богојески во моментов е стабилна. На денот на неговото назначување за директор, болницата имала долг од околу 45 милиони денари, додека тој во моментов изнесува околу 11 милиони денари. Богојески очекува до крајот на тековната 2019 година, долгот да биде целосно анулиран.