Повеќе од 2.000 учесници ја поддржаа втората хуманитарна трка „We run we care“

Околу 2.000 учесници се вклучија во вчерашната рекреатива трка „We run we care“, која по втор пат се одржа во Прилеп.  Трката е од хуманитарен карактер а собраните средства од котизацијата на учесниците, 100 денари по лице, ќе бидат употребени за тековно одржување и доопремување на  Центарот за лица со церебрална парализа. Рекреативно донаторската трка беше во организација на бизнис секторот и  Општина Прилеп.

„Средствата  од котизацијата на учесниците ќе бидат употребени за купување на надгледни средства кои ќе им помогнат на  лицата со церебрална парализа  во нивните активности“, изјави градоначалникот,  Илија Јованоски.

Стопанствениците истакнаа дека се горди на масовноста на акцијата и веруваат дека истата во иднина ќе прерасне во традиција.

„Не само што правиме добро дело,не само што не има. Туку клучно и најбитно е тоа што ја градиме свеста на колективната припадност“, потенцираше Ирена Јакимоска од „Комфи Ангел“.

Васил Костоски од „Гентерм Македонија“ истакна дека оваа трка била поттик за поголем дел од прилепските стопанственици да се приклучат и да покажат општествена одговорност.

 „Многу сум среќен што гледам тука илјадници луѓе, а особено  вработените во нашата компанија кои ги поддржуваат овие лица“, кажа Василис Анагносту, од „Мермерен Комбинат“.

Хуманитарно – рекреативната трка во  должина од 5 километри ја поддржаа приватните стопански компании „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“, „Мермерен Комбинат“, „Прилепска Пиварница“, „Конфекција Кули“, „WIK“,  „Ветеринарна Клиника – Прилеп“ и „Стопанската комора на Македонија – Регионална канцеларија Прилеп“ со цел  подигнување на колективната свест за општетсвена одговорност.