Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска одржа прес конференција на која што ја пренесе сликата за моменталната финансиска состојба на Општина Прилеп, по стасани обврски создадени од претходната локална власт и ексградоначалникот Марјан Ристески. Во интерес на објективното и транспарентно информирање на јавноста, прес конференцијата ја пренесуваме интегрално.
„Почитувани,
При примопредавање на должноста со мојот претходник, ексградоначалникот Марјан Ристески си подадовме рака. Но, поздравот не бил во духот на „фер плеј“.
На 27 октомври, мојот прв работен ден на сметката на Општина Прилеп затекнав околу 5 милиони денари, а обврските на Општината беа околу 25 милиони денари, за по два дена да стасаат до 29 милиони денари.
Неколку дена потоа евидентирани се нови 75 милиони денари, најголем дел обврски по ситуации од склучени договори за јавни набавки.
Така што, преку ноќ долгот на Општината изнесуваше 104 милиони денари. Најголем дел средства треба да се платат до крајот на оваа година, а останатите суми наредната година.
Обврските по лизинг за купени возила се над 2 милиона денари, а за други над 60 милиони денари е задолжена Општина Прилеп, со кредити во Светска банка.
Вкупно во овој момент, долгот на Општината е 166 милиони денари.
Извесни се и 36 милиони денари –ризици од тужби на граѓани и фирми против Општина Прилеп и тоа без пресметана законска затезна камата и судски такси.
Со ова, долгот на Општината достигнува до крајно непопуларни 202 милиони денари.
За да биде појасно, во моментов Општина Прилеп како последица од работата на претходната власт од ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески има долг од околу 3.5 милиони евра.
Во Општината се трошеле народните пари, префрлани биле на сметките на фирмите – блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните осиромашувале, а овие фирми станувале побагати.
Почитувани,
Во Општина Прилеп редовно се вработени 95 граѓани, а годинава со договори по разни основи се ангажирани 60 други граѓани.
Сите овие податоци што сега ги презентирам, произлегуваат од Записникот што е подготвен од соодветните сектори во Општината.
Овие поенти доловуваат само дел од недомаќинското работење на претходната локална власт. Детали за сето ова содржи и извештајот на Државниот завод за ревизија, а упатуваат на сомнежи за незаконско работење и ненаменско трошење на парите од општинската каса.
Поради сето ова, инспекторите од надворешната канцеларија за економски криминал при МВР, по налог на јавен обвинител, вршат контроли врз финансиското работење на Општината, во изминатиот период.
Но, сето ова, не е кочница за моето работење. Ве уверувам дека сите обврски кон доверителите ќе бидат навреме сервисирани, а вработените ќе имаат редовна плата“, порача градоначалникот Илија Јованоски.