Членовите на Советот на општина Прилеп на денешната 25-седница ја усвоија Годишната сметка на општинскиот буџет, како и Годишниот извештај на Општина Прилеп за 2018 година.
Во своето обраќање пред прилепските советници, градоначалникот Илија Јованоски ги потенцираше двете важни компоненти кои беа вградени во буџетот за 2018 година – развојната и консолидирачката компонента.
„Со извршување на приходите на консолидираниот биланс на приходи на буџетот за 2018 година во износ од 1.178 милијарди денари, што претставува извршување од 90,3% од проектираните 1,3 милијарди денари, остваривме историски најголем прилив на приходи од стартот на децентрализацијата, односно од 2005 година до денес. За буџетската 2018 година на сметките на консолидираниот буџет, пренесени се вишоци на приходи од 159 милиони денари, или вклучувајќи го и пренесениот вишок од 2017 година во износ од 46.1 милион денари, состојбата на паричните средства на 31.12.2018 година изнесуваше 205,1 милион денари. Сакам да истакнам дека со реализација од 494 милиони денари приходи на основниот буџет, несметајќи го пренесениот вишок на приходи од 2017 година, можеме да бидеме во целост задоволни“, истакна во своето излагање градоначалникот Јованоски.
Одговарајќи на прашањата на опозициските советници за нискиот процент на реализација на капиталните инвестиции од 24,6%, градоначалникот потенцираше дека тоа се должи на наследениот долг од претходната локална власт во висина од 202 милиони денари.
„За време на 12 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, секоја година беше ветувано дека ќе се изгради затворен базен и детска градинка. Не само што тоа не беше направено, туку претходната власт нив воопшто и не ги предвидела во Деталните урбанистички планови. Ние во моментов работиме на измена на повеќе детални планови, за што се потребни од 6 до 9 месеци и ви тврдам дека до завршувањето на мојот мандат, сите проекти кои ги ветив ќе бидат реализирани“, рече градоначалникот Јованоски.
Претседателот на Советот на општина Прилеп, Миле Талевски истакна дека на денешната седница беа усвоени Годишните сметки на јавните комунални претпријатија, на Домот за стари лица, Детските градинки „Наша иднина“, Градската библиотека „Борка Талески“, како и на основните и средните општински училишта.
Прилепските советници расправаа и по други прашања, кои се од важност за граѓаните на општина Прилеп.