СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ денеска го одбележа својот патрон празник, 75 години од загинувањето на народниот херој чие име училиштето со гордост го носи.
По тој повод, учениците и наставниците од средното Економско училиште организираа голем број активности, кои беа реализирани во текот на изминатите неколку денови. Младинската организација од училиштето организираше „Квиз на финансиска писменост“ и литературно читање, а денеска делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, членови на општинскиот Совет и на Сојузот на борци, како и делегација на средното економско училиште, положија свежо цвеќе на Алејата на народните херои и Могилата на непобедените, пред споменикот на Кузман Јосифоски во центарот на градот и пред неговата биста во училишниот двор. Бројните чествувања во чест на великанот завршија со одржување на свечена академија во театарот „Војдан Чернодрински“.
„Младинската организација организираше дебата, беше организиран „Квиз на финансиска писменост“ кој имаше натпреварувачки карактер, а беше организирано и литературно читање на кое учествуваа ученици од основните и средните училишта. Во оваа прилика сакам да упатам благодарност до градоначалникот Илија Јованоски, кој што ни овозможува реализирање на нашите идеи и планови за подобрување на условите за одржување на наставниот процес“, изјави директорката на СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, Билјана Марковска.
Во таа насока, Марковска потенцираше дека во изминатата година целосно биле заменети внатрешните врати, а комплетно биле реновирани и санитарните јазли од горниот кат на училишната зграда. Активностите за подобрување на условите за работа и одржување настава во училиштето, ќе продолжат и во текот на оваа година.