Прилепскиот театар одбележа 69 години од постоењето

Со изведбата на претставата „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо
Ѓорѓиевски, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ синоќа го одбележа својот
69-ти роденден.

За прв пат завесата во театарот се кренала на 18 февруари 1950 година, со
изведбата на претставата „Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, а во режија на Аце
Михајлоски. Со годините театарот ,,Војдан Чернодрински“ растел и се развивал.
Во изминатите безмалку 7 децении, прилепскиот ансамбл прикажал над 370
премиери и одиграл повеќе од 7.000 претстави, кои ги гледале околу 2 милиона
луѓе.

Дел од претставите кои оставиле најдлабока трага кај публиката, се и
најгледаната „Солунски патрдии”, потоа „Од кол на кол“, „Силјан Штркот”,
„Кумови”, „Собирен центар”, „Туѓо сакаме свое не даваме”, Колобан”, „Молам за
секс”, „Спиро Црне”, „Арсениј”, „Полковникот птица”, „Опера за три гроша” итн.

Покрај многуте награди освоени на фестивалот „Војдан Чернодрински“,
претставите на прилепскиот театар биле наградувани и на фестивалот „Ристо
Шишков“, ЕКСПОНТО во Љубљана, МЕСС во Сараево, на фестивалот на актерот
во Никшиќ. Со бројни награди се закитиле претставите „Тапани во ноќта“,
„Кавкаскиот круг со креда“, „Змејовата невеста“, „Клетници“ и др.

Во годината кога одбележува 69 години од основањето, со поддршка на
Министерството за култура театарот „Војдан Чернодрински“ ќе реализира четири
премиери, а на редовниот репертоар се наоѓаат неколку претстави.