И оваа година Општина Прилеп ќе доделува субвенции како надоместок на дел од трошоците на граѓаните за набавка на велосипеди, едногласно одлучија советниците на Советот на Општина Прилеп, поддржувајќи ја оваа мерка како значајна, наменета за поттикнување на жителите за користење на алтернативни превозни средства со цел заштита на животната средина.
Советот на Општина Прилеп, на редовната 27-ма седница расправаше и за финансиските извештаи на јавните претпријатија во првите три месеци од оваа година. Советниците дадоа согласност за тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП ,,Водовод и канализација“, на ЈКП ,,Комуналец “, ЈКП „Пазари“, на ПЕД ЕНЕРГО-Прилеп, на ЈП за ПУП-Прилеп и на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески’’ Платник-Прилеп. Советниците одлучуваа и по предлог-решението за измена и дополнување на Решението за формирање на комисија за статут и прописи, а во рамките на проектот „ Инклузија на деца Роми во предучилишно образование во ЈОУДГ „Наша иднина ‘’- Прилеп, ја донесоа одлуката, 30 деца Роми што се во социјален ризик, на возраст од три до шест години, за учебната 2022-2023 година, да бидат ослободени од партиципација.
На 27-та Седница на Советот на Општина Прилеп, имаше и низа советнички прашања поврзани со работењето на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија, на кои директно одговараа дел од раководителите.
Воедно, на оваа седница, беше доставена иницијатива од советничката група на Левица, во дневниот ред да се внесе „Предлог – Одлука за ослободување и процентуално намалување на давачките и надоместоците кон Општина Прилеп за бранителите на Република Македонија“.Од страна на Претседателот на Совет на Општина Прилеп, за оваа иницијатива беше објаснето дека Советот на Општина Прилеп законски нема надлежност да одлучува за оваа категорија граѓани.